Во однос на правата на децата, Република Македонија ги има потпишано сите значајни меѓународни акти во оваа област, вклучувајќи ја и Конвенцијата на ООН за правата на детето. Во исто време, земјата направи значајни чекори кон унапредување на националното законодавство, со цел да обезбеди ефикасна заштита на правата на децата. И покрај подобрувањата на правната рамка, недоволно внимание се посветува на следење, систематско собирање и анализа на податоци во областа на правата на децата. Потребни се понатамошни напори за подобрување на здравјето и исхраната на децата, особено кај децата Роми. Потребни се дополнителни заложби за унапредување на образовната и социјалната инклузија на ранливите категории деца, особено на децата со попреченост. Децата со попреченост и децата од ромската заедница се мошне често предмет на стигматизација, дискриминација и сегрегација. Потребни се понатамошни напори во насока на обезбедување на национални институции со квалификуван персонал и соодветна инфраструктура неопходна за поддршка на процесот на инклузија.[1]
Покрај тоа, мерките и ресурсите за спречување на насилството врз децата сè уште се недоволни. Медијацијата и другите алтернативи на кривичната постапка во однос на малолетниците не се задоволителни, додека пак условите во воспитно-поправната установа за малолетници остануваат несоодветни. Ниту една полициска станица нема услови за притвор кои соодветствуваат на спецификите на малолетните престапници, додека пак редовна обука за професионалците кои работат во областа на малолетничка правда допрва треба да се воведе.
Сумарно, главните предизвици во однос на заштитата на правата на децата вклучуваат:
- маргинализација и стигматизација на децата од ранливи категории (особено децата со попреченост и ромските деца), како и нивната исклученост од формалниот образовен систем
- недостаток на систематско собирање на податоци
- недостаток на инфраструктура за поддршка на инклузија на деца со попреченост
- дисфункционален систем за малолетничка правда и потреба од релевантни реформи
- недостаток на мерки и ресурси за спречување на насилство врз децата
- потреба за градење капацитети на надлежните институции
КМОП може активно да придонесе во адресирањето на горенаведените предизвици, имајќи го предвид долгогодишното искуство на организацијата во унапредувањето на благосостојбата на децата и заштитата на детските права, преку широк спектар на активности, вклучително: иновативни пристапи за намалување на осипувањето од училиште на ранливи категории деца; градење капацитети на мултидисциплинарни тимови професионалци во областа на детски права и концептот „правда за деца“ (child-friendly justice), како и активности против врсничко насилство. Во таа насока, значајно е да се спомене дека КМОП има развиено сеопфатна и иновативна иницијатива за сузбивање на врсничкото насилство во училиштата и онлајн просторот, со цел придонесување кон изнаоѓањето на долгорочно и одржливо решение за справувањето со овој феномен и исклучително негативните ефекти врз децата. Во рамките на овој проект насловен „Живот без заплашување“ (Live without Bullying), покрај другото е воспоставена ИКТ платформа преку која се нуди обука и советување на деца, родители и наставници.
[1] https://ec.europa.eu/neighbourhood-enlargement/sites/near/files/pdf/key_documents/2014/20141008-the-former-yugoslav-republic-of-macedonia-progress-report_en.pdf
За повеќе информации во врска со релевантните проекти ве молиме кликнете овде